На самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Тиват презентиран е нон-пејперот што го предлагаат Германија и Франција. Во него се повикува Европската комисија да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати од Западен Балкан, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на постигнатиот напредок во пристапните преговори.
– На политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска унија, се вели во документот.
Франција и Германија предлагаат нов пристап ориентиран кон процесот, со намалување на прекумерно формализираните процедури и спојување на одредени административни чекори. Со согласност на земјите членки, би се забрзало отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија.
Фокусот на земјите кандидати, Европската комисија и Советот на ЕУ треба да биде ставен на суштината на реформите, а не на процедурните прашања, а редовните меѓувладини конференции би можеле поефикасно да се користат за политичко насочување на процесот.
Се предлага воспоставување на т.н. „градежни блокови“ што постепено ќе ги приближуваат земјите кандидати до Унијата односно тие би се надоврзувале на постигнатиот напредок, но би биле и реверзибилни во случај на назадување во реформите.
Се предлагаат двапати годишно заеднички состаноци на ЕК и членови на Европскиот парламент со земјите кандидати од Западен Балкан, учество на земјите кандидати во одредени точки од дневниот ред на неформалните состаноци на Европскиот совет и Советот на ЕУ како набљудувачи без право на глас, учество на состаноците на Советот за надворешни работи по привремено затворање на Поглавје 31, кое се однесува на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, поголемо учество во програмите на ЕУ…
дома Македонија Постепена интеграција пред полноправно членство, предвидува нон пејперот на Германија и Франција



