По првпат некој од ВМРО јавно го кажува она што ние во СДСМ, а сега и во големиот граѓански фронт, го повторуваме веќе подолго време, вели лидерот на СДСМ Венко Филипче, коментирајќи ја изјавата на претседателката Сиљановска – Давкова дека Македонија треба да се европеизира преку реформи и владеење на правото, а не преку расправи за историјата и за националниот идентитет.
– Историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската унија. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов, наведува Филипче во објава на Х.

Според Филипче, реформите и исполнувањето на Копенхашките критериуми се вистинските европски барања и единствениот пат за напредок на државата кон полноправно членство во Европската Унија.
– Дали ова значи дека претседателката Сиљановска сака да се приклучи на Фронтот за вистина и правда? По прв пат некој од ВМРО јавно го кажува она што ние во СДСМ, а сега и во големиот граѓански фронт, го повторуваме веќе долго време.
Упорно објаснуваме дека реформите и Копенхашките критериуми се европски барања, a не бугарско прашање и дека се клучни за продолжување на преговорите. Реформите не претставуваат никаква закана за јазикот, културата и македонскиот национален идентитет, вели Филипче.




