На сцената на Националната опера и балет од 20 часот ќе биде изведен балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода и стегите на општествените норми.

Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, а кореографијата е на Виктор Ишчук од Украина. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина).
Во улогата на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, а во улогата на Шарл Бовари – Франциско Хименез Руиз. Улогата на Родолф Буланже ќе ја толкува Балаж Лочеи, додека во останатите улоги настапуваат Дмитро Чеботар, Ендру Кук и Ангела Богатинова, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.




