По повод Светскиот ден за борба против опустинувањето и сушата, невладините со предупредување дека Македонија се соочува со зголемен ризик од суша и апел да се одвојуваат повеќе финансиски средства за мерки за адаптација.
Најпогодени ќе бидат Североисточниот, Скопскиот, Вардардкиот, Пелагонискиот и Југоисточниот регион.
Од Центарот за климатски промени велат дека сушата останува еден од најсериозните предизвици на современите климатски промени кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување. Се повикуваат и граѓаните да ја користат водата рационално за да се спречи непотребната потрошувачка на вода во периоди на зголемен ризик на суша.
На удар е и земјоделското земјиште што пак ќе резултира со последици врз производството на храна и приходи за земјоделците.
Климатските проекции за земјава се дека во сценарио на високи емисии, температурата може да се зголеми за пет степени цензиусови, а летните врнежи да се намалат за 40 проценти.
Според професорот Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, климатските промени сè поизразено влијаат врз земјоделското производство.
– Ако погледнеме наназад низ годините, просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. За континенталните овошни видови повисоките температури имаат негативно влијание. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тие создаваат сериозен проблем за одгледување овошни насади без можност за наводнување. Некогаш можевме да кажеме дека сливата во Малешевијата може да се одгледува и без наводнување, а јаболкото во одредени услови со минимално наводнување. Денес веќе не можеме да препорачаме ниту еден овошен вид да се одгледува интензивно, без услови за наводнување. Земјоделството се соочува со појава на ниски температури во доцните пролетни месеци (април-мај), недостиг на вода, честа појава на град, суви и жешки лета и со намалена релативна влажност на воздух. Сето тоа создава притисок и ја зголемува потребата од решенија за адаптација кон овие промени, вели проф. д-р Арсов.




