Министрите во кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер изјавија дека очекуваат тој денес да објави план и временска рамка за оставка од Даунинг стрит 10, по победата на Енди Бернам на дополнителните избори во изборната единица Макерер во Голем Манчестер.

Се очекува Стармер подоцна утрово да го објави својот план за оставка од функцијата лидер на Лабуристичката партија, што ја вклучува и премиерската функција, со што ќе се отвори патот Бернам да стане премиер без формален натпревар до есен, објави Гардијан.
Министрите во кабинетот изјавија дека Стармер ќе ги изложи своите намери пред Даунинг стрит 10, започнувајќи го процесот на назначување на седмиот премиер на Велика Британија за една деценија.
Според медиумските извештаи, Стармер заклучил дека неговата позиција повеќе не е одржлива по разговорите во последните денови со членовите на кабинетот, советниците на Даунинг стрит, синдикалните лидери и донаторите на Лабуристичката партија.
Меѓу министрите кои побараа Стармер да се повлече е и британската министерка за надворешни работи Ивет Купер, која го замоли да го стори тоа вчера. Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави на социјалните мрежи дека „Кир Стармер ќе поднесе оставка од функцијата премиер на Обединетото Кралство“ бидејќи не успеал во имиграцијата и енергетиката.




