Ревизорите утврдија слабости во работењето на државната МЕПСО. Дел од вработените не ги исполниле условите за работа според јавните огласи, дел од далеководите се без имотни листови, а двојна сопственост има кај дел од трафостаниците.
Ревизорскиот извештај покажува дека има неправилности при вработувањето кај 45 вработени во однос на исполнувањето на критериумите според јавниот оглас. Дел од вработените биле прераспределени или унапредени за брзо време откако биле вработени.
Според ревизорите, иако компанијата работи со приходи, сепак утврдени се слабости во нејзиното работење поточно во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електродистрибутивната инфраструктура. Дел од имотот нема уреден правен статус, а дел нема точна сметководствена евиденција.
Ревизорите констатирале од 112 далноводи, за 59 нема имотни листови, а не се решени ниту сопственичките односи за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост и на МЕПСО и на ЕВН Македонија. Ревизорскиот извештај се однесува на периодот 2024 година.




