Довербата на потрошувачите во Германија малку се зголеми во јуни, но остана на многу ниско ниво, што укажува дека домаќинствата остануваат претпазливи поради неизвесните економски перспективи и слабата подготвеност за повеќе трошење, објави денес германската истражувачка компанија GfK.

Според податоците, индикаторот за потрошувачка клима се искачи на минус 29,2 поени од ревидираните минус 29,7 поени во јуни, но резултатот беше послаб од очекувањата на аналитичарите, кои предвидуваа зголемување на минус 27,6 поени, објави Trading Economics.
Очекувањата на граѓаните во врска со личниот доход се подобрија за 0,8 поени и достигнаа минус 12,2, иако останаа под нивото забележано пред ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Израел.
Позитивни движења се забележани и кога станува збор за проценка на економските случувања, бидејќи индикаторот за економски очекувања се зголеми за 2,5 поени на минус 8,7.
Сепак, мнозинството испитаници сè уште очекуваат економските услови да останат неповолни во наредната година.
Подготвеноста за купување малку ослабе, паѓајќи на минус 13,4 поени од минус 13,2, што укажува дека потрошувачите сè уште не размислуваат за време за зголемување на трошењето.
Една петтина од Германците не можат да си дозволат седумдневен одмор
Во исто време, склоноста кон штедење остана непроменета на 13,9 поени, блиску до историските максимуми, додека очекувањата за инфлација се поповолни благодарение на намалувањето на геополитичките тензии и падот на цените на суровата нафта.
Економистите проценуваат дека закрепнувањето на приватната потрошувачка во најголемата економија во Европа веројатно ќе остане постепено сè додека не се подобрат изгледите за раст на приходите и вработеноста.




