Она што со години се шпекулираше во евровизиските кругови конечно доби и официјална потврда: Канада го доби правото да учествува на Евровизија. Оваа историска одлука беше донесена откако канадскиот јавен сервис, Си-би-ес/Радио Канада, на 25 јуни е примен во полноправно членство во Европската радиодифузна унија (EBU) пишува Си-би-ес.

Патот на Канада кон евровизиската сцена не беше ниту брз ниту едноставен. Интересот на канадската влада за учество беше јавно изразен за првпат во федералниот буџет за 2025 година, каде што беше наведено дека, во соработка со Си-би-ес, „ќе се истражи можноста за учество на Евровизија“. Како што објавија медиумите во тоа време, иницијативата имала силна поддршка од премиерот Марк Карни, кој го видел натпреварот како можност за зајакнување на културните врски со Европа. И покрај политичката волја, клучна пречка беше статусот на Си-би-ес како придружен, а не како полноправен член на ЕБУ.
Директорот на Евровизија, Мартин Грин, тогаш го поздравил интересот, но исто така ги нагласил и формалните пречки.
„Ништо конкретно не дојде на мојата маса, но нашите врати се отворени веќе 70 години. Ќе го поздравиме секој што сака да ја сподели вредноста на оваа прекрасна пригода“, изјавил Грин за Би-би-си, алудирајќи дека е потребен конкретен чекор. Тој чекор се случил со ревизијата на статутот на ЕБУ, која овозможила полноправно членство надвор од Европа, под услов да ги исполнуваат високите стандарди на јавниот сервис. Канадскиот јавен сервис, кој со години ги испраќаше своите вработени како набљудувачи на Евровизија, ја искористи оваа можност и успешно аплицираше за промена на статусот.
Што значи членство?
Со добивањето полноправно членство, Канада сега е во рамноправна положба со европските земји учеснички. За разлика од Австралија, чиј јавен радиодифузер Ес-би-ес е исто така само придружен член и чие учество зависи од годишните покани на ЕБУ уште од нивното деби во 2015 година, Канада сега има директно право на пријава. Иако Си-би-си сè уште официјално не потврди дали и кога ќе ја искористи оваа можност, се шпекулира дека премиерниот настап би можел да се случи веќе на Евровизија 2027 година, кој ќе се одржи во Софија, Бугарија. Портпарол на Си-би-ес/Радио Канада потврди дека членството тоа им го овозможува и дека повеќе информации ќе објават дополнително.
Поврзаноста на Канада со Евровизија не е од вчера
Иако канадското знаме никогаш не се развеа во официјалниот дел од натпреварот, канадскиот талент веќе остави неизбришлив белег на евровизиската сцена. Најпознат пример е секако глобалната суперѕвезда Селин Дион (58), која ѝ донесе победа на Швајцарија во Даблин во 1988 година со песната „Ne partez pas sans moi“. Нејзиниот триумф и денес се смета за еден од најимпресивните моменти во историјата на Евровизија. Но, листата е многу подолга.
Канаѓанката Наташа Сен-Пјер ја претставуваше Франција во 2001 година и освои високо четврто место, а Ла Зара исто така настапи за истата земја во 2023 година. Покрај Дион, Швајцарија ја претставуваа и Ени Котон (1993) и Рика (2016). Тука се и Шерис Лоренс за Луксембург (1986) и Катерина Душка, која ги бранеше грчките бои во 2019 година. Сите овие настапи сведочат за длабоката врска помеѓу канадската музичка сцена и европскиот фестивал.
Сега, кога сите формални пречки се отстранети, сè што останува е да се почека одлуката на канадскиот јавен сервис. Фразата „Добро вечер, Европо, ова е Торонто!“ наскоро би можела да стане реалност.




