Бугарскиот претседател Румен Радев денеска одржал средба со Светиот синод на Бугарска православна црква, на која, според бугарските медиуми, меѓу отворените прашања била и темата околу новиот пакет санкции на Европската Унија против Русија, во кој се споменува и можноста за санкционирање на Патријарх Кирил.

Иако средбата поминала во атмосфера на разговори за улогата на црквата, образованието и соработката меѓу државата и верските институции, подоцнежното официјално соопштение на Светиот синод покажа дека Радев не успеал да обезбеди поддршка за својата иницијатива.
Во кратко соопштение објавено по редовната седница, Синодот на БПЦ наведе дека по разгледување на прашањето за евентуалните нови санкции против Русија, кои би ја вклучиле и личноста на московскиот патријарх Кирил, донел одлука дека тоа „не е во негова надлежност“ и нема да заземе став.
Со ваквиот одговор, практично изостана црковна поддршка за обидот на Радев да изгради поширок фронт во Бугарија против евентуалното санкционирање на рускиот верски лидер во рамки на 21-от пакет санкции што го подготвува Европската Унија. Причините за умерениот став на синодот на БПЦ веројатно треба да се бараат во новоразвиената блиска релација со Фанар и Вселенската патријаршија.




