Музичко-сценски перформанс со над 120 македонски уметници е уште еден проект што ќе се прикажува по повод 35 годишнината од независноста на земјава.
Перформансот ќе биде прикажан во 15-тина градови низ земјава, а во него ќе бидат прикажани моментите што биле важни за државата.
– 35 години од независноста на Македонија ќе биде инспирација за голем број на пејачи, музичари, актери… Ќе се обидеме да ги сооздадеме сликите што се дел од нашата колективна меморија. Ќе ги споиме сите уметности. Ќе се обидеме да се занимаваме со ликовната уметност, со филмот, со поезијата, литературата, односно да исплетеме една мрежа преку која ќе ја создадеме таа наша сценска естетика, појаснува режисерот Дејан Пројковски.
Перформансот ќе ги води Игор Џамбазов кој открива дека перформансот ќе почне со антологиските стихови на Анте Поповск, во неговата песна „Македонија“.
– Таа завршува со стиховите „О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање што ги натера ѕвездите да прошепотат на македонски, а никој не ја знае.“ Овие стихови се напишани пред 40-45 години. Ова е вистинска шанса овој проект да докаже дека повеќе не е така. Дека не само што ѕвездите веќе шепотат на македонски, туку малку по малку сите научија која е таа Македонија, каде се наоѓа, а најмногу поткрепено од фактот дека надвор ќе бидат одекнат и голем број успеси на државата во спортот, во уметноста…, изјави Џамбазов на денешната прес-конференција одржана по тој повод.




