Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката Пулс утре повторно излегуваат на протест барајќи ја вистината и правдата за своите деца. Протестот ќе се одржи во Паркот на револуцијата во Кочани од 18:05 часот.
– За нашите 63 ангели нема одмор од љубовта, нема одмор од сеќавањето и нема откажување од барањето за вистина и одговорност. Она што деновиве го гледаме во судницата – расправи, провокации и обиди вниманието да се оддалечи од суштината – не нè обесхрабрува. Напротив, ни е дополнителна мотивација уште погласно и поистрајно да бараме вистина и правда. Ве повикуваме да ни се придружите и оваа сабота. Секој чекор е спомен за нашите деца и порака дека тие нема да бидат заборавени, а нашето барање за правда нема да замолкне, стои во објавата на социјалните мрежи.
На вчерашното судско рочиште родителите револтирани ја напуштија судницата во Идризово откако одбраната побара изземање на обвинителката Наташа Сарамандова за што одлука треба да донесе државниот јавен обвинител Ненад Савески.




