Во изминатите две години е извршено целосно уништување на македонското земјоделство, истакна на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска,која упати остри критики до актуелната власт 
Според неа, ниту едно ветување за сигурен откуп, загарантирани цени и повисоки субвенции не е исполнето, а сите земјоделски гранки во моментов се соочуваат со сериозни проблеми.
Како клучни аргументи за ваквите тврдења, Кузеска ги соопшти следните податоци:
- Откупот на земјоделски производи од малите земјоделци е намален за 46,2%.
- Финансиската поддршка наместо ветените 180 милиони евра е намалена за 40 милиони евра.
- Цената на млекото е намалена за 10 денари, а субвенциите за крави паднаа од 12.000 на 8.000 денари.
- Законот за вино се крши две години и не се објавува производната цена за сортите Вранец и Смедеревка.
Опозицијата обвинува дека се укинати авансните исплати и дека на земјоделците сè уште им се должат неисплатени средства од 2025 година, иако законскиот рок за исплата истекува на 30 јуни 2026 година. Критики беа упатени и за стопирање на капиталните проекти во водостопанството, како и за состојбата со ИПАРД 3 фондовите.
СДСМ во своето официјално обраќање истакна:
„Две години Влада на Мицкоски се две години уништување на македонското земјоделство. Нема гранка во земјоделството, нема земјоделец што не нема проблем – сите, и градинарите, и овоштарите, и лозарите, и сточарите, и поледелците.
Нема максимално искористување на европските фондови.
Напротив, ВМРО не посрамоти пред Европската унија со скандалозниот криминал со ИПАРД 3, ни блокираа пари, заради тоа што оваа криминална власт посегна по европските пари. Е тоа е ВМРО!
За две години, НУЛА исполнети ветувања во земјоделството.“




