Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес изјави дека „само зборовите на осуда нема да ги спречат нападите врз Киев“ и дека „само континуираната воена поддршка за Украина и зголемениот притисок врз Москва можат да го сторат тоа“.

„Оваа недела, Европската Унија започна со исплата на шест милијарди евра од заем за поддршка од 90 милијарди евра за зајакнување на одбраната на Киев. Денес, ќе предложам да се санкционираат поголем број субјекти што го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс како одговор на нападите. Колку повеќе Москва напаѓа цивили, толку повеќе санкции мора да се воведат“, рече Калас во објава на платформата X.
Таа додаде дека ЕУ „продолжува да ги зголемува трошоците сè додека Русија не сфати дека не може да победи“.
„Длабоко сум им благодарна на нашите колеги на терен, кои ја продолжуваат својата работа со храброст и посветеност во најтешките околности“, нагласи Калас.



