
Со оглед на оваа итна и сериозна ситуација, шефот на СЗО за Европа свика вонреден состанок со претставници од 41 земја-членка, Европската комисија и организации од граѓанското општество. Според Клуге, повеќе од 130 учесници се јасен знак дека земјите конечно почнуваат да ја третираат екстремната топлина како вонредна состојба за јавното здравје, а не само временска прогноза. Прашањето беше едноставно: што научивме од минатите топлотни бранови и дали сме подготвени за она што допрва доаѓа?
„Одговорите на земјите покажаа вистински напредок, но и неуспеси што едноставно не можеме да си ги дозволиме. Националните акциони планови поврзани со топлината буквално спасуваат животи. Земјите што ги имаат реагираа брзо и на координиран начин“, истакна Клуге, наведувајќи примери за Италија, која го следи морталитетот во 45 градови и добива податоци во реално време, Шпанија, која соработува со медиумите за комуникација на ризик, и Австрија, Белгија и Франција, кои успешно го намалија товарот врз здравствениот систем.
Сепак, Клуге предупреди на еден поразителен факт и најголемиот пропуст во целата приказна.
„Екстремната топлина е закана за безбедноста, а не проблем на еден сектор“
Клуге нагласува дека низ цела Европа, домовите за стари лица, бездомниците и социјално изолираните граѓани сè уште редовно се надвор од дофат на помош и дека здравствената инфраструктура мора да стане поотпорна на климатските промени. Сепак, тој забележува дека состанокот покажал и еден важен позитивен развој – државите конечно почнаа да ги поврзуваат службите за итни случаи, урбанистите и министерствата за здравство и животна средина.
„Оваа координација во рамките на владите – изградена околу заедничкото признавање дека екстремната топлина е закана за здравствената безбедност, а не само секторски проблем – е една од најважните промени што ги видовме. СЗО сега ќе ги собере сите лекции и ќе ги стави на располагање на сите 53 земји-членки, а ние сме подготвени да обезбедиме директна техничка поддршка на секој што сака да ги зајакне своите системи. Сега работиме на два фронта: треба итно да го поправиме она што не успеа во последните недели пред да пристигне друг топлотен бран, но и да изградиме здравствени системи кои се подготвени за екстремна топлина на долг рок“, заклучи д-р Ханс Анри П. Клуге.




