Францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да ја бакне раката на сопругата на турскиот претседател Емине Ердоган за време на нивниот состанок во Анкара пред самитот на НАТО, но таа не му дозволи, објавија денес турските медиуми.

Макрон пристигна во Анкара за да учествува на самитот на НАТО и присуствуваше на свечена вечера организирана за шефовите на држави и влади и нивните сопруги, објавува порталот Хаберлер.
На влезот во Претседателскиот комплекс, тој беше пречекан од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине Ердоган.
Според снимките објавени во медиумите и на социјалните мрежи, Макрон се обиде да ја бакне раката на Емине Ердоган за време на поздравувањето, но таа ја тргна раката и не го прифати гестот.
Турскиот портал наведува дека моментот е снимен на камерите за време на официјалното пречекување на учесниците на самитот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга организираа прием и државна вечера во Анкара за шефовите на држави и влади и нивните сопруги кои присуствуваат на 36-от самит на НАТО.
На приемот во Претседателскиот комплекс се собраа лидери на 32 членки на НАТО, како и претставници на партнерски земји од Индо-пацифичкиот регион – Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, како и други поканети функционери.
Ердоган и неговата сопруга ги пречекаа гостите пред главната зграда на Претседателскиот комплекс, каде што ги поздравија секој од нив поединечно и позираа за групна фотографија, на која Макрон и неговата сопруга Брижит Макрон стоеја од десната страна на Ердоган и неговата сопруга, додека американскиот претседател Доналд Трамп беше од левата страна.
За време на приемот беше послужена турска кујна, а пристигнувањето на лидерите беше проследено со настапи на Воениот оркестар на Турските вооружени сили и традиционалниот воен ансамбл Мехтер.
Самитот во Анкара ги собра лидерите на Алијансата за да разговараат за зајакнување на европските одбранбени капацитети, целите за трошење на одбраната, воената модернизација и континуираната поддршка за Украина.
Ова е втор самит на НАТО што се одржува во Турција, по самитот во Истанбул во 2004 година. Покрај пленарните седници, планирани се и билатерални средби меѓу турски функционери и претставници на сојузничките земји.
Во вторник, Ердоган одржа одвоени разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, канадскиот премиер Марк Карни и финскиот претседател Александар Стабс.




