Повеќето Словенци немаат сомнежи за иднината на НАТО, но веруваат дека Европа ќе мора да преземе поголема одговорност со оглед на тоа што САД под претседателот Доналд Трамп веќе не се толку сигурен партнер како што беа порано, според резултатите од анкетата спроведена за весникот Дело од агенцијата Медијана.

Мнозинството испитаници очекуваат Алијансата да остане централен столб на европската безбедност, иако во малку поинаква форма отколку во изминатите неколку децении, пренесува СТА.
Речиси 46 проценти од испитаниците веруваат дека НАТО ќе преживее, но дека европските земји ќе мора да преземат многу поголема одговорност за сопствената безбедност.
Дополнителни 10 проценти веруваат дека НАТО ќе остане темел на европската безбедност и ќе стане уште посилен во наредните години.
Во исто време, 22,5 проценти веруваат дека НАТО ќе ослабне, а речиси 11 проценти мислат дека ќе се распадне во наредните години или ќе ја изгуби својата намена.
На прашањето дали САД под водство на Трамп се уште се сигурен воен сојузник, 44 проценти од испитаниците одговориле негативно, а 31 процент веруваат дека САД се само делумно сигурни и дека Европа повеќе не може целосно да се потпре на Америка.




