дома Култура „3 недели подоцна“ ја освои наградата на Europa Cinemas Label во Карлови...

„3 недели подоцна“ ја освои наградата на Europa Cinemas Label во Карлови Вари

Филмот „3 недели подоцна“ на режисерот Мирослав Терзиќ ја освои наградата на Europa Cinemas Label за најдобар европски филм на 60-тиот Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари, објавија денес продуцентите.


Благодарение на ова признание, „3 недели подоцна“ ќе добие поддршка од мрежата Europa Cinemas, што вклучува дополнителна промоција на филмот и стимулации за кино-изложувачите низ цела Европа за да се обезбеди подолг театарски живот, се вели во соопштението.
Жирито, кое го сочинуваа Софи Јансен од Холандија, Наташа Јурчова Финдрова од Словачка и Грегори Ле Перф од Франција, ја донесе одлуката едногласно, иако имаа тешка задача бидејќи сите 15 филмови во натпреварот беа со висок квалитет на свој начин.
„Филмот нè воодушеви од самиот прв кадар и го задржа нашето внимание до самиот крај. Екипата одигра исклучително силни и автентични улоги. Филмот ги прикажува животите на денешните адолесценти од нивна перспектива, дозволувајќи им на нивните гласови и ставови да ја обликуваат приказната на искрен и убедлив начин“, рече жирито.
Како што е наведено, „режијата на Терзиќ е импресивна во секој сегмент од филмскиот занает“, а филмот „нè поканува навистина да ги слушнеме младите луѓе, да бидеме со нив и да не ги свртуваме главите“.
Филмот „3 недели подоцна“ следи група средношколци кои, три недели по трагичната загуба на нивниот соученик, се впуштаат во претходно планирана екскурзија и носи моќна и емотивна приказна за едно општество кое се обидува да ги разбере последиците од трагедијата што не успеало да ја спречи.
Во филмот глумат Јован Гиниќ, Анѓела Алавиревиќ, Клара Караулиќ, Андрија Марковиќ, Тихана Лазовиќ Трифуновиќ и Бранислав Трифуновиќ, а сценариото е на Владимир Арсенијевиќ, Бојан Вулетиќ и Терзиќ.
Продуцентката на филмот, во име на продуцентската куќа This and That Productions, Снежана ван Хаувелинген, изјави дека ова е наградата што најмногу ја очекувала, бидејќи „Europa Cinemas Label“ не е само признание за филмот, туку и конкретна поддршка за да стигне до кината и публиката низ цела Европа.

Наградата „Europa Cinemas Label“ се доделува и на филмски фестивали во Берлин, Кан, Локарно и Венеција.

Како што е најавено, „3 недели подоцна“ ќе биде прикажан во кината низ цела Србија на 26 ноември, а филмот ќе ја има својата регионална премиера на 13 јули на Филмскиот фестивал во Пула.
Филмот е меѓународно претставен од Bendita Film Sales, а продуциран од This and That Productions од Србија, во копродукција со Invictus од Бугарија, Nightswim од Италија, хрватски Kinorama и Paul Tilges Distributions од Луксембург.

ПредходнаСАД бараат Иран да гарантира слобода на навигација низ Ормутскиот теснец
СледнаРама: Албанија и ако стане членка на ЕУ нема да стави вето на Северна Македонија