дома Свет Новинари на „Њујорк тајмс“ повикани на суд поради известување за „Ер Форс...

Новинари на „Њујорк тајмс“ повикани на суд поради известување за „Ер Форс Уан“

Министерството за правда на САД повика неколку новинари на „Њујорк тајмс“, барајќи од нив да сведочат пред голема порота во истрагата за протекување информации во врска со безбедносните аспекти на новиот претседателски авион, „Ер Форс Уан“, дониран на САД од страна на катарските власти.

Според весникот, судските покани им биле доставени на новинарите Џулијан Е. Барнс, Ерик Липтон, Тајлер Пејџер и Ерик Шмит, кои оваа недела објавија статии за наводните безбедносни недостатоци на новиот авион и причините зошто Трамп, според нивните извори, го користел стариот „Ер Форс Уан“ за време на неговата неодамнешна посета на Турција.
Весникот тврди дека во некои случаи, федералните агенти доставиле судски покани на домашните адреси на новинарите, оценувајќи дека ова е обид за заплашување на медиумите.
Главниот правен советник на весникот, Дејвид Мекгроу, рече дека новинарите работат во јавен интерес и дека потегот на администрацијата е „обид да се спречи јавноста да дознае како функционира владата“.
Според весникот, претставник на Федералното истражно биро (ФБИ) побарал од редакцискиот одбор пред објавувањето на првата статија да го одложи објавувањето, наведувајќи ги загриженоста за националната безбедност, како и да го открие идентитетот на изворот, што редакцискиот одбор го одбил.

Белата куќа и Канцеларијата на американскиот обвинител за Јужниот округ на Њујорк, кои ги издале судските покани, не одговориле на барањата на весникот за коментар.
„Њујорк тајмс“ наведува дека ова е најновиот во низата потези на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп насочени кон водечките американски медиуми, потсетувајќи дека Министерството за правда претходно оваа година испратило слични судски покани до новинари од „Волстрит џурнал“ и „Вашингтон пост“, кои подоцна биле повлечени по правен предизвик.

Портпаролот на Министерството за правда ниту потврдил ниту негирал оваа информација, но изјавил дека американската администрација не ги таргетира новинарите, туку поединците кои откриваат доверливи информации.
Трамп во средата изјави дека ќе го користи „Ер Форс Уан“, „од старите денови“, за време на патувањето од Анкара до британската воздухопловна база Милденхол, додека новиот авион, дониран од Катар, ќе биде запрен во истата база за да можат американските војници да го разгледаат. Сепак, видеата објавени подоцна истиот ден го покажаа Трамп како се качува во новиот „Ер Форс Уан“ во Милденхол, кој потоа го користеше за патување до Соединетите Држави.

ПредходнаАјатолахот Моџтаба Хамнеи се заколна на одмазда за убиството на неговиот татко
СледнаГруевски во објава на Фејсбук: Становите не се мои, Камчев беше уценет за да ја спаси мајка си да не оди во затвор