дома Живот Здравје Што треба да содржи патувачката аптека за летен одмор со деца?

Што треба да содржи патувачката аптека за летен одмор со деца?

Педијатрите предупредуваат – антибиотик не се носи „за секој случај“, туку само по препорака од лекар

Летните одмори се период кога многу семејства патуваат со своите деца, а подготовките речиси секогаш вклучуваат и патувачка аптека. Сепак, според педијатрите, многу родители и понатаму прават една иста грешка – бараат антибиотик да понесат „за секој случај“, сметајќи дека така ќе бидат посмирени доколку детето се разболи за време на одморот.летн

 

-Во последните денови сè почесто ми се јавуваат родители кои планираат летен одмор и бараат да им препишам антибиотик за детето, со образложение дека сакаат да го имаат како резерва. Разбирливо е родителите да сакаат да бидат спокојни, но антибиотик не треба да се носи ‘за секој случај’. Родителот не може сам да процени дали детето има бактериска инфекција, кој антибиотик е потребен, ниту која е точната доза. Затоа секогаш е неопходна консултација со лекар.

Што треба да има во патувачката аптека?

Наместо антибиотик, педијатрите советуваат патувачката аптека да ги содржи основните препарати кои можат да помогнат при најчестите здравствени проблеми за време на патувањето.

Лекови за температура и болка

Во аптеката задолжително треба да има сируп или друг препарат со парацетамол или ибупрофен, кои се користат за намалување на температурата и ублажување на болката. Кај деца кои претходно имале фебрилни конвулзии, по препорака на лекар, потребно е да се носат и супозитории со дијазепам.

Антихистаминици за алергии

При каснување од инсекти или алергиски реакции, добро е да се има сируп со антихистаминик, како и крем или маст за локална примена која ќе го намали чешањето и иритацијата.

Пробиотици

Пробиотиците се препорачуваат да се почнат три дена пред патувањето, да се користат за време на одморот и уште неколку дена по враќањето дома. Тие можат да помогнат во превенција на патничката дијареја, но и при стомачни инфекции.

Електролити

Поради високите температури, повраќање или пролив, децата лесно можат да дехидрираат. Затоа, електролитните раствори се неизоставен дел од секоја патувачка аптека, бидејќи помагаат за надоместување на изгубените течности и минерали.

Болестите на „валкани раце“ нè напаѓаат во лето

Крема со заштитен фактор 50+

Малите деца се особено чувствителни на сончевото зрачење. Децата помлади од шест месеци не треба да бидат изложени на директно сонце, а кај повозрасните задолжително треба да се користи крем со висок заштитен фактор, по можност со минерални филтри.

-Важно е родителите да знаат дека УВА-зраците предизвикуваат трајни оштетувања на кожата и минуваат низ стакло, чадори и сенка. Кожата ја памети секоја прекумерна изложеност на сонце, па затоа заштитата е неопходна, советува д-р Ливринска.

Средства против инсекти

Репелентите се исто така неопходни, особено ако се патува во природа или во региони каде има многу комарци. Може да се користат синтетички препарати или природни производи на база на етерични масла, кои се поблаги, но треба почесто да се нанесуваат.

Не заборавајте и на основниот прибор

Освен лековите, во патувачката аптека треба да има и топломер, стерилни гази, антисептичен спреј за дезинфекција на рани, лепенки и други основни средства за прва помош.

Педијатрите потсетуваат дека добро подготвената патувачка аптека може да помогне при помали здравствени проблеми, но не смее да биде замена за лекарски преглед кога детето има сериозни симптоми или влошена здравствена состојба.

-Ви посакувам пријатен и безгрижен летен одмор, исполнет со убави моменти и спомени, а патувачката аптека нека ви биде само сигурност – не и нешто што ќе мора да го користите, порачува д-р Валентина с. Ливринска.

ПредходнаВисоки затворски казни за тројца членови на Беланоца.20, 11 и 4 години!
СледнаРасчистен случајот со насилството врз малолетничка во Куманово – поднесена кривична пријава против 18-годишна девојка и две малолетнички