Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи, напиша вечерва градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.

– Според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажуваат дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности. По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Апелирам оваа мерка целосно да се почитува. Таа е превентивна и е донесена заради заштита на здравјето на граѓаните, пишува Лимани на Фејсбук.
Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, градоначалникот на Гостивар се повикува на информациите од ЈП „Комуналец“ дека на посочената локација нема канализациска мрежа.
– Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции, вели Лимани.
Ветува дека официјалните резултати ќе бидат јавно објавени.
– Ги повикувам граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори. Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации, напиша Лимани на Фејсбук.




