Владата донесе одлука за намалување на акцизите на горивата, но сепак од полноќ ќе има драстичен скок на цените.

Регулаторната комисија за енергетика штотуку соопшти дека цената на бензините се зголемува за три денари, а на дизелот за шест денари за литар. За седум денари скока и цената на Екстра лесното масло за домаќинство.
– Во Одлуката на РКЕ е применета Одлуката на Владата за намалени износи на акцизите за 1,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и намален износ на акцизата за 2,00 ден/лит кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), соопшти РКЕ.
Од РКЕ велат дека ова се максималните цени на нафтените деривати, но дека трговците на големо и на мало можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Согласно одлуката на РКЕ, ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе се продава по цена од 90 денари/литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 по цена од 92 денари/литар, а дизелот по цена од 94 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава по цена од 93 денари за литар.




