дома Македонија Клековски со забелешка за докторите кои даваат коментар за Гостивар, реагираше Пановски

Клековски со забелешка за докторите кои даваат коментар за Гостивар, реагираше Пановски

Наместо побрзо да се надмине ситуацијата во Гостивар и во тоа да се користат сите стручни мислења денеска јавноста е сведок на препукувања меѓу министерот за здравство Сашо Клековски и професорот на Медицинскиот факултет и поранешен директор на Институтот за микробиологија и пазаритологија Никола Пановски.

Министерот Клековски денеска во изјава за медиумите ги повика докторите кои не биле епидемиолози и инфектолози да не даваат совети за „лајкови и кликови“.

– Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемилози, инфектолози, даваат различни совети и различни мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и за собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат официјалните упатства и канали. Ние секако ја следиме состојбата, изјави Клековски.

По ова следуваше реакција од Пановски кој му порача на Клековски да ги предупреди медиумите да не го бараат за совети и изјави.

– Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите. До сега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 вести, Слободен печат и многу други, на многу сум се извинил заради физичко отсуство. ТВ Алфа не треба да ја известувате, тие си ја знаат работата. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат. Инаку мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, истата требаше да се прогласи 2 дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат “хипотетично” за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај, епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози, вели Пановски во статус на Фејсбук.

Реагираше и „Левица“ од каде коментираат дека во моменти кога Гостивар се соочува со една од најтешките здравствени катастрофи, министерот Клековски им држи лекции на докторите од кои учел. 

– Клековски се осмелува да ги прекорува професорите од кои учел, доктори и специјалисти што имаат реална клиничка практика, и покрај тоа што според неговата биографија покажува дека професионалниот пат му е врзан за раководење со невладина организација, консултантска работа, а никако за долгогодишно лекување пациенти во болнички ординации. Одвај завршениот медицински факултет не му дава право од министерската фотелја да прогласува кои доктори смеат да зборуваат, особено кога зад себе нема никаква клиничка кариера со која би можел да им дели професионални легитимации на оние што секојдневно работат со болни луѓе, велат од Левица.

Левица забележува и што на чело на Институтот за јавно здравје стои личност која има завршено Стоматолошки факултет.

–  Институцијата што треба да биде национален столб на епидемиологијата, микробиологијата и превентивната медицина е доверена на партиска функционерка од областа на стоматологијата, но Клековски опасноста ја гледа во професори, доктори, експерти кои јавно укажуваат на пропустите, велат од Левица.

ПредходнаФранција: 5.764 смртни случаи повеќе од очекуваните за време на јунскиот топлотен бран
СледнаВодата за пиење во Валандово содржела зголемено ниво на арсен