Тројца пожарникари загинаа во гаснење пожари на Крит и Пелопонез во Грција, а властите продолжија со превентивни евакуации на населби и туристички области, додека околу 2.000 посетители и 29 локални жители беа евакуирани од плажите по море само од островот Крит, објавија грчките власти.

Двајца пожарникари загинаа во голем шумски пожар што избувна вчера попладне во јужниот дел на Крит, во областа Ретимно, а според првичните информации, тие биле заробени во возило во близина на градот Сахтурија, каде што подоцна биле пронајдени мртви, додека еден пожарникар се срушил од патолошки причини во Агеранос, на Пелопонез, пренесува Прототема.
Двајца волонтери се исто така полесно повредени за време на операциите за гаснење пожари.
Пожарникарите водеа битка цела ноќ на големи фронтови во Ретимно, каде што линијата на огнот е долга 20 километри, во Ситија и Пломари, со силни ветрови што предизвикаа континуирани пожари и драматично комплицирани операции.
Најтешка слика е забележана во општината Агиос Василиос на Крит, каде што пожарот што избувна вчера попладне се шири со голема брзина.
Во текот на ноќта, 198 пожарникари, десет групи пешадиски единици и 43 возила работеа во областа, а се очекува силите денес да бидат засилени со уште 18 пожарникари, три групи пешадиски единици и шест возила, кои ќе пристигнат од Пиреја.
Грчките пожарникари се борат и со расфрлани жаришта на островот Парос.
За поголемиот дел од земјата се предвидува многу висок ризик од пожар, а противпожарните сили се во зголемена готовност.
Во Ираклион, Крит, стотици посетители беа евакуирани во затворена теретана во Мирес, отворена од општината Фестос, поради пожар, каде што беа обезбедени подлоги за спиење и комплети за прва помош.
За поголемиот дел од земјата денес се предвидува многу висок ризик од пожар, категорија 4.




