Над 17.000 патници ја напуштиле македонската држава во изминатото деноноќие преку гевгелискиот граничен премин со Грција, додека околу 16.000 влегоа во Македонија преку истиот премин, покажаа најновите податоци на Министерството за внатрешни работи.
Зголемениот бран на возила предизвика значителен застој на сообраќајот на двата гранични премини во Гевгелија и Дојран, каде во последните неколку часа се формираше и километарска колона во Стар Дојран.
Официјалните бројки од МВР ги потврдуваат интензивните движења на границата.
„На граничниот премин „Богородица“ од вчера до денес на пладне влез во државата оствариле 5864 македонски државјани, а излез оствариле 5948. Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 10249, а ја напуштиле нашата држава 11648 лица“, информираа од МВР.
Голема фреквенција е евидентирана и на граничниот премин „Дојран“.
Според податоците на полицијата, на овој премин влез оствариле 399 македонски државјани, а излез 1.104 лица. Во истиот период, регистриран е влез на 1.295 странски државјани, додека 1.174 ја напуштиле државата.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека ги преземаат сите мерки и дека се ангажирани сите човечки и технички капацитети со цел забрзување на протокот на патници, со паралелно спроведување на задолжителните гранични проверки.




