дома Македонија МВР потврди – имало инцидент во Ташмаруништа, партиите со меѓусебни препукувања

МВР потврди – имало инцидент во Ташмаруништа, партиите со меѓусебни препукувања

Министерството за внатрешни работи потврди дека вчера во Ташмаруништа каде беше премиерот Христијан Мицкоски имало инцидент, поточно, 52-годишен стружанец упатувал вербални навреди.

Стружанецот со иницијали С.Г. е приведен по пријава дека сторил кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие”.

На 02.08.2026 година во 14:15 часот, во струшкото село Ташмаруништа лишен од слобода е С.Г.(52) од Струга по претходна пријава дека сторил кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие” по што упатувал вербални навреди кон јавни лица, присутни на настан за одбележување на 2 август, Денот на Републиката. По целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во полицискиот билтен.

Инцидентот денеска беше повод и за партиски препукувања.

Од опозициската СДСМ прашаа што му се случило на Мицкоски во Ташмаруништа.

– Дали е точно дека граѓаните вербално го нападнале Мицкоски? Дали го пцуеле незадоволни од неисполнетите ветувања? Очигледно токму политиката на ширење омраза, раздор и поделби што ја води Мицкоски, дури и во својот говор за Илинден се причина за граѓаните да не можат да го гледаат. Незадоволството кај граѓаните е огромно, поради катастрофалната економска состојба, труењето со вода, изолацијата на земјата и секојдневните лаги на Мицкоски, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ со одговор дека СДСМ се препознале во говорот на Мицкоски од Пелинце и потврдиле дека се целосно во координација со надворешни агентурни центри.

– Поздравен од присутните граѓани се движеше низ народот како што прилега на народен лидер, за разлика од претседателот на СДС кој бега од народот на скапи јахти и уплашен преку снимени пораки се обраќа на ден како Илинден. За време на движењето на претседателот Мицкоски низ народот, едно лице во обид да испровоцира инцидент, под дејство на алкохол, дофрлало зборови со непримерна содржина. Лицето било изолирано од присутните граѓани и легитимирано од страна на припадници на МВР. При легитимирањето лицето извадило бугарска лична карта и бугарска патна исправа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Предходна(ВИДЕО) Пожарот во кавадаречко се шири со голема брзина, активирани ер трактори и хеликоптери
СледнаБогородица, Дојран и Табановце преплавени од колони возила