дома Култура Концерт под свеќи со Профундис и Стефан Миленковиќ во Охрид

Концерт под свеќи со Профундис и Стефан Миленковиќ во Охрид

Камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ вечер ќе настапи во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, заедно со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ, во рамки на официјалната програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во магичниот амбиент на „Св. Софија“, под отворено небо и во светлината на илјадници свеќи, публиката ќе има можност да доживее уникатен „кендлајт“ концерт, кој ги обединува врвната музичка интерпретација, впечатливата сценографија и неповторливата атмосфера на еден од најзначајните културно-историски локалитети во Македонија.

На програмата се дела од Петар Илич Чајковски, Ралф Вон Вилијамс, Камиј Сен-Санс и Пабло де Сарасате. Публиката ќе ги слушне „Серенада за гудачи“ оп. 48, „Возлет на чучулигата“, „Интродукција и Рондо капричиозо“ и виртуозната „Кармен фантазија“ оп. 25, едно од највпечатливите и технички најпредизвикувачки дела за виолина, кое претставува вистински предизвик и за најголемите светски виртуози.

ПредходнаПовеќе од 3.600 заразени со ебола во Конго. Трамп испраќа нова помош
СледнаПутин ги смени командантите во обид да ја оживее руската офанзива во Украина