дома Бизнис „Гардијан“: Компанија блиска до Трамп во илегална потрага по нафта на Гренланд

„Гардијан“: Компанија блиска до Трамп во илегална потрага по нафта на Гренланд

Американска нафтена компанија „Гренланд Енерџи“, поврзана со претседателот на САД, Доналд Трамп,! се подготвува за дупчење во оддалечените делови на Гренланд, иако за тоа сè уште не добила одобрение од локалните власти.

Како што објави лондонски „Гардијан“, во изминатите неколку дена материјали за подготовка на дупчењето се доставени на источниот брег.

Владата на Гренланд на ваквите активности реагираше со предупредување, потенцирајќи дека не е издадено одобрение за поставување на опремата.

„За сите идни логистички чекори мора да биде известена администрацијата за минерални ресурси, која исто така мора да ги одобри пред тие да бидат спроведени, се наведува во официјалното соопштение од гренландската Влада.

На ова реагираше Трамп со објава социјалните мрежи заканувајќи одново со преземање на контролата над оваа данска територија, придружена со илустрација на гренландско село.

Врски со Трамп 

Тексашката компанија „Гренланд Енерџи“, основана минатата година, тврди дека во регионот за каде се планирани истражувањата потенцијално има нафта вредна трилион долари. Компанијата најави инвестиција од 60 милиони долари во два истражувачки бунари за да ги тестираат тие проценки.

Иако Гренланд престана да издава нови лиценци за дупчење нафта во 2021 година поради заштита на животната средина, британската компанија „80 Мајл“ претходно обезбеди права за истражување во регионот.

Според поднесеното барање, „Гренланд Енерџи“ ќе го преземе мнозинскиот удел во проектот на „80 Мајл“ во замена за финансирање, но сè уште им е потребна владина дозвола за да продолжат.

Компанијата го ангажираше Фил Мекгроу, познат како д-р Фил, истакнат десничарски поранешен водител и член на Комисијата за верска слобода на Трамп. Неговата задача е да направи документарна серија за „овие модерни истражувачи на нафта“.

За директор на истражувањата е назначен ветеран од американската Воена морнарица, кој работи на системот за противракетна одбрана „Златна купола. Трамп тврди дека контролата врз Гренланд е „клучна“ за тој систем.

Претседателот и главен акционер на „Гренланд Енерџи“, Лари Светс, за кој се тврди дека има пристап до внатрешниот круг на Трамп, изјави дека нафтениот проект „не е поврзан со американската анексија“ на островот.

Опрема испорачана без одобрение

Откако во јуни претставник на компанијата пред претставници на локалното население лажно тврдеше дека имаат дозвола да ја испорачаат опремата, Светс изјави дека имало „недоразбирање во комуникацијата поради ентузијазмот за проектот“.

Но, следниот месец, жителите на ретко населената област забележаа реморкер како ја влече брод кон брегот и истоварува десетина контејнери.

„Целта беше опремата да се испорача на локацијата Нунап Кека (Џејмсон Ленд) за планирано истражувачко дупчење“, се вели во соопштението на Владата на Гренланд.

Данскиот истражувачки портал „Данвоч“ пренесе изјава на директор на бродска компанија кој потврдува дека пратката била наменета за „Гренланд Енерџи“.

Политички притисок и тешка одлука

Компанијата „Гренланд Енерџи“ во писмо до акционерите испратено во четврток вели дека „неодамнешните состаноци меѓу раководството на проектот и гренландските регулатори биле конструктивни“. Во писмото, исто така, се вели дека се „охрабрени од напредокот кон добивање на преостанатите дозволи за дупчење“ и дека по овие разговори, за почеток ќе се дупчи само еден бунар.

Гренланд, кој е данска автономна територија, сам решава за користење на своите природни ресурси, а нејзините избрани лидери сега се соочуваат со тешка одлука. Тие би можеле да дозволат дупчење, иако планираните локации се во заштитено подрачје според Рамсарската конвенција за мочуришта.

Од друга страна, ако одбијат, постојат стравувања дека тоа би можело да послужи како изговор за Трамп поагресивно да ги спроведува своите планови.

Владата на Гренланд во соопштението наведе дека „не би било соодветно“ да се бара отстранување на опремата. Тие исто така рекоа дека барањето за дозвола сè уште се обработува.

Претставник на „Гренланд Енерџи“ изјави дека брод со 300 контејнери опрема за дупчење ќе исплови од Канада на 12 септември, а самото дупчење треба да започне во октомври.

Џеф Ландри, радикален десничарскиот гувернер на Луизијана, кој е пратеник на Трамп во Гренланд, рече дека „Гренланд Енерџи“ би можел да пумпа нафта уште следната година.

ПредходнаДрон експлодира во близина на гасовод во Бугарија
СледнаНов метод со кој би можеле да се лекуваат сега неизлечиви болести