
„Само делумно преговараме со нив. Само го набљудуваме Иран со неговата огромна инфлација и фактот дека нема пари“, изјави тој за порталот, тврдејќи дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ја влошила ситуацијата.
„Сè ќе се среди. Секогаш се среди. Како шаховска игра е“, рече Трамп за преговорите со Иран, а „Аксиос“ објавува изјави од американски претставници кои тврдат дека претседателот е фокусиран на деескалација.
Иран бара големи отстапки
Израелскиот експерт за Иран, Дени Цитринович, напиша на социјалната мрежа X дека економската состојба на Иран несомнено е лоша, но дека само економскиот притисок веројатно нема да го принуди Техеран да капитулира на преговарачката маса или да се откаже од клучните стратешки интереси, како што е барањето за контрола на Ормутскиот теснец.
Во последните денови, Иран ги намали очекувањата за брзо повторно отворање на клучниот воден пат. Раководството на Иран побара од САД значителни отстапки однапред пред да го деблокира теснецот, клучен за меѓународната трговија со нафта и гас.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран го поврза повторното отворање на теснецот со неколку услови, вклучувајќи го укинувањето на поморската блокада на САД, повлекувањето на американските сили од регионот, целосното укинување на сите санкции против Иран и безусловното ослободување на сите замрзнати ирански средства.




