Знамето кое одеше на визуелизација на прославата под наслов „Силно светнал ден“, посветена на 35-годишнината од независноста на Македонија, отвори нова тема за партиски реакции меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. ЗА едните само визуелизација за другите џабе фрлени пари, за публиката само забава.

Од СДСМ реагираа на симболот прикажан во рамките на сценографијата, оценувајќи дека станува збор за пропуст со македонското државно знаме и обвинувајќи ја Владата предводена од Христијан Мицкоски за непрофесионалност и непочитување на државните симболи.
Од опозициската партија побараа Владата да објасни која компанија била ангажирана за реализацијата на прославата, кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет, како и колку средства биле потрошени.
СДСМ бара и да се утврди одговорност за, како што велат, пропустот со државниот симбол, оценувајќи дека станува збор за „нов срам и ново понижување“.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрла критиките и објаснува дека спорниот визуелен елемент претставувал уметничка инсталација. Од владејачката партија велат дека повеќекракото сонце во рамките на сценографијата се претопувало во македонското знаме со осум зраци.
„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја опозициската партија дека се обидува да го оцрни настанот.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и на претходни политики на СДСМ поврзани со државните симболи, уставните промени и историските прашања, упатувајќи низа критики кон опозициската партија и нејзиниот лидер Венко Филипче.
Владејачката партија оценува дека „Силно светнал ден“ ја обединил државата и бил позитивно прифатен од граѓаните, додека критиките од СДСМ ги оценува како обид за оцрнување на манифестацијата.




