Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара итна разврска на случајот со директните закани по животот, повиците за насилиство и етнички навреди кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов.

– Особено загрижува фактот што дел од коментарите содржат експлицитни повици за негово физичко елиминирање и смрт. Во еден од коментарите се вели: „дали ќе се најде јунак на ова ѓубре подсекушка како ќосето со камата да расчисти“, додека во друг се поставува прашањето: „Нема ли кој да го реши Ерол на експресен начин?!“. Дополнително, во коментарите се упатуваат и етнички засновани навреди кон Ризаов, посочува ЗНМ во реакцијата.
Очекува МВР итно да ги обезбеди и зачува електронските докази, да ги утврди идентитетите на лицата кои стојат зад профилите и да процени дали во конкретниот случај постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување или повикување на насилство и говор на омраза.
– Бараме, доколку се утврдат такви елементи, случајот без одлагање да биде доставен до надлежното јавно обвинителство. Заканите кон новинарите поради нивната работа се сериозен удар врз слободата на изразување и не смеат да се игнорираат. Од исклучителна важност е во вакви ситуации институциите да реагираат навреме и да спречат заканите да прераснат во насилство, велат од ЗНМ.




