дома Магазин Денес делумно затемнување на Сонцето. Кога и каде да уживате во глетката

Денес делумно затемнување на Сонцето. Кога и каде да уживате во глетката

Додека делови од континентот накратко ќе потонат во мрак, во Македонија жителите ќе имаат можност да фатат посуптилен, но исклучително атрактивен момент непосредно пред зајдисонце.

Денеш ниот ден, среда 12 август, ќе донесе еден од најинтересните астрономски моменти во Европа изминативе децении. По долга пауза, поточно од 1999 година, сенката на Месечината повторно ќе премине преку континентална Европа, носејќи целосно затемнување на Сонцето за жителите на Исланд, Шпанија и делови од Гренланд и Русија, Европската вселенска агенција (European Space Agency – ESA) на ќе организира директен пренос на едно од највпечатливите астрономски случувања во последните години

Денес Месечината ќе „отгризе“ мал дел од сончевиот диск, попладне, непосредно пред залезот. Преглед на времињата, најдобрите локации и задолжителните безбедносни правила за целата земја.

Од Македонија ќе се види само кратко и слабо делумно затемнување на Сонцето. Настанот е дел од многу поголем глобален спектакл: целосното затемнување ќе биде видливо по тесна патека преку Гренланд, Исланд и делови од Шпанија, првото такво на континентална Европа од 1999 година. Македонија се наоѓа на самиот источен раб на зоната каде што воопшто ќе може нешто да се забележи, па ефектот кај нас ќе биде многу поскромен, но сепак реален, доколку знаете точно кога и каде да гледате.

Времиња за Скопје

Во Скопје, затемнувањето започнува околу 19:29 часот, максимумот е околу 19:36 часот, а видливоста продолжува до речиси самиот залез, некаде меѓу 19:36 и 19:39 часот. Во максимумот, Месечината ќе покрие приближно 12 проценти од пречникот на Сонцето, односно околу 5 проценти од неговата површина. Визуелно, ефектот ќе биде сличен на мал „залак“ земен од работ на сончевиот диск, а не на драматично затемнување на денот.

Различни бројки за различни градови

Затемнувањето нема да изгледа исто низ целата земја. Универзитетскиот професор Дејан Трајковски, во посебна анализа за Битола, наведува дека таму настанот започнува околу 19:31 часот, а максимумот е три минути подоцна, околу 19:34 часот. Во тој момент Месечината ќе покрие само 6,36 проценти од дијаметарот, односно околу 1,91 процент од површината на Сонцето, забележливо помалку отколку во Скопје.

Според Трајковски, најголем предизвик за набљудувачите во Битола ќе биде токму ниската положба на Сонцето. Тоа заоѓа веќе во 19:37 часот, само шест минути по почетокот на затемнувањето, што значи дека Сонцето може да исчезне зад Пелистер уште пред да настапи максимумот, доколку набљудувачот остане во самиот град.

Каде најдобро да се гледа

Клучниот услов, без разлика на градот, е непречен хоризонт кон запад-северозапад, односно азимут од околу 290 степени. Трајковски конкретно препорачува излегување на повисоки позиции на Пелистер или на ридовите околу Битола, со отворен поглед кон запад и северозапад. На тој начин се одложува моментот кога Сонцето исчезнува зад локалниот хоризонт и се овозможува следење на подолг дел од настанот.

За целата земја, општото правило е да се бара височинка, тераса или отворен простор без згради, ридови и дрвја, со пристигнување најдоцна до околу 19:15 часот, бидејќи целиот видлив дел од затемнувањето трае само неколку минути. Според истиот извор, гостиварскиот регион, поточно околината на селото Корито на Сува Гора, се смета за една од најдобрите позиции за набљудување во земјата.

Задолжителна безбедност

Правилата се едноставни, но апсолутни. Потребни се сертифицирани очила за набљудување на затемнување со ознака ISO 12312-2. Никогаш не користете обични очила за сонце, затемнето стакло, ЦД, рендгенски филм или какви било импровизирани филтри. Не гледајте директно во Сонцето без соодветна заштита, дури ни затоа што е ниско на хоризонтот или делумно покриено.

Камерата, телефонот, двогледот или телескопот исто така не се безбедни за директно насочување кон Сонцето без соодветен соларен филтер поставен пред самата леќа.

За оние кои нема да успеат да обезбедат чист поглед, или доколку временските услови не соработуваат, НАСА ќе емитува пренос во живо, кој почнува околу 19:15 часот по наше време. Тоа е добра резервна опција за оние кои не сакаат целосно да го пропуштат настанот.

Овој настан е само еден од двата блиску поставени астрономски спектакли годинава. Точно шеснаесет дена подоцна, на 28 август, следува и делумно затемнување на Месечината, видливо ниско над западно-југозападниот хоризонт непосредно пред зори.

Во комбинација со врвот на метеорскиот дожд Персеиди, чија најголема активност паѓа токму во ноќта на 12 спроти 13 август, оваа недела е меѓу астрономски најбогатите во 2026 година за набљудувачите во Македонија.

ПредходнаЦрна Гора до Србија: Испраќате една порака до Москва, а друга до Европа
СледнаОН: Авганистан е единствената земја што забранува средно образование за девојчиња