Дванаесет лица загинаа, а 10 други се повредени минатата ноќ кога автобус што превезувал полски туристи се преврте на автопатот М3 во источна Унгарија, соопшти унгарскиот премиерот Петер Маѓар во објави на социјалните мрежи.
Несреќата се случила околу 1 часот по полноќ, кога автобусот излетал од патот во канал и се превртел.
Унгарските медиуми јавија дека полицијата го уапсила возачот, бидејќи се претпоставува дека заспал при управувањето со автобусот поради што и дошло до несреќата.
Во автобусот имало 57 полски туристи и двајца возачи.

Одделот за управување со вонредни состојби рано утрово објави дека пожарникарите спасиле триесет и пет лица од автобусот, но дека неколку патници останале заробени под возилото.
Несреќата се случила во близина на градот Мезокерестеш, на 120 километри источно од Будимпешта.

По несреќата делот од автопатот каде што се таа случила беше затворен за сообраќај додека трае истрагата, па возилата беа пренасочувани по споредни патишта.
Во својата објава за несреќата на Фејсбук, Маѓар изрази сочувство за жртвите. Во врска со несреќата се огласи и полскиот претседател Карол Навроцки, кој изрази жалење за смртта на неговите сонародници.




