Од денеска се намалуваат цените на училишниот прибор за најмалку 10 проценти кај трговците на големо и за 15 проценти кај трговците на мало.
Одлуката е донесена денеска на владина седница а ќе важи до крајот на септември.
Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година.- ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка. Практично, сè што е потребно за стартот на учебната година, изјави владината портпаролка Марија Митева.

Трговците се должни покрај новата, намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година затоа што таа цена се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето.
Според Митева, ова е конкретна мерка насочена кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година.

