Секое деветто дете во земјава на возраст од 12 до 17 години било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологијата, покажува новиот извештај Disrupting harm (Спречување на штетата) во кој се препорачува итната потреба од поцврсти системи за превенција, заштита и поддршка на децата.
Сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца со помош на технологија се однесува на ситуации кои вклучуваат дигитални, интернет и комуникациски технологии во која било фаза од злоупотребата или експлоатацијата. Може да се случи целосно преку интернет, преку комбинација од онлајн и лични интеракции или преку злоупотреба во живо што се снима, се дистрибуира или се олеснува со помош на технологија.
Последиците по засегнатите деца се длабоки и налагаат навремена поддршка и услуги приспособени кон нив. Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија имале 11 пати поголеми изгледи за самоповредување и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли или однесување во споредба со децата кои не доживеале таква злоупотреба. Интервјуираните стручни лица кои работат со деца опишаа долготрајни последици што опфаќаат срам, губење контрола, нарушувања на сонот, стрес и страв дека материјалот кој прикажува злоупотреба ќе остане на интернет засекогаш, се посочува во извештајот.

Речиси половина од погодените деца (48%) доживеале повеќе од една форма на злоупотреба во годината пред да бидат анкетирани. Повеќе од половина од евидентираните инциденти биле поврзани со социјалните медиуми, додека скоро една третина се случиле преку онлајн-игри. Истражувањето, исто така, покажува дека момчињата и девојчињата биле погодени во слична мера, без значајни разлики во однос на полот, возраста, местото на живеење, дигиталните вештини или степенот на образование на родителите.
Зад секоја статистика во овој извештај стои дете чија доверба е изгубена, чија безбедност е загрозена и чија благосостојба е нарушена. Она што го чини ова истражување толку важно не е само тоа што за првпат се мери обемот на проблемот, туку и тоа што се бележат гласовите и животните искуства на самите деца и млади, вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Спротивно на перцепцијата дека сексуалната експлоатација на интернет првенствено ја вршат непознати лица, истражувањето покажува дека речиси четири од пет деца (78%) биле изложени на злоупотреба од некој што го познавале. Над половина од сторителите биле полнолетни лица (57%). Особено често сторители биле поранешни или сегашни интимни партнери или лица кон кои детето чувствувало симпатии (во 39% од случаите), како и членови на семејството, кои биле вмешани во повеќе од една четвртина од случаите (27%).
Иако 88% од децата кои биле експлоатирани или злоупотребени раскажале некому за своето искуство, пријавувањето и барањето помош преку формални канали останало исклучително ниско (под 1%). Децата ги навеле срамот, стигмата, несигурноста во врска со процесите на пријавување и недостатокот на доверба во институциите како клучни пречки за барање формална помош.
Во извештајот се посочуваат неколку правни празнини поради кои децата остануваат ранливи – посебно оние на возраст од 14 до 17 години – и повикува на законски реформи со кои ќе се отстранат овие празнини, ќе се обезбеди одговорност на сторителите и ќе се воспостават подобри и еднакви гаранции за заштита на сите деца..
Извештајот „Disrupting Harm во Северна Македонија“ е реализиран преку соработка меѓу Канцеларијата за стратегија и докази на УНИЦЕФ – Иноченти (Innocenti), ЕКПАТ Интернационал (ECPAT International) и ИНТЕРПОЛ, со средства од Безбедни онлајн (Safe Online) и во соработка со Владата на Северна Македонија.

