Со доделување на наградите заврши 17. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што од 20 до 27 август се одржа под мотото „Само сонот е стварност“ во Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар во Скопје.
Според извршниот директор Дарко Набаков, ова е едно од најуспешните изданија на фестивалот на кое седум од осумте вечери биле со распродадени билети за проекциите.
Вечерта на доделувањето на наградите беше посветена на Влатко Милев – Циги, кој беше љубител на документарниот филм и пријател на „МакеДокс“.
Беа доделени награди во пет категории – наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм, „Млад кромид“ за најдобар филм во категоријата „Нови автори/ки“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи.
Статуетките ги изработи уметникот Глигор Кузмановски, а членови на комисиите беа 15 признати домашни и странски филмски автори, продуценти и филмски критичари.
Наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм ја доби филмот „Тристан засекогаш“ на авторите Тобијас Ноле и Лоран Бонардо, а наградата за најдобри етички идеи ја доби филмот „Од црвени фенери до рефлектори“ на Бипулџит Басу.
За наградата „Млад кромид“ одлучуваше комисијата во состав Марго Мека, Муртада Елфадл и Матјаж Иванишин, кои наградата за категоријата „Нови автори“ ја доделија на филмот „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Жирито му додели посебно признание на филмот „Имаго“ на Дени Умар Пицаев.
Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм ја доби „Роење птици“ на Ксавиер Марадес, а посебното признание на наградата „Сечкан кромид“ му беше доделено на „Отворено поле“ на Тебохо Едкинс.
Наградата „Кокарче“ ја доби студентскиот филм „Здраво ново тело, како си денес?“ на Лаура Канси.
По доделувањето на наградите, во филмската програма во Куршумли ан беа прикажани краткиот документарен филм „Слет 1988“ на Марта Попивода и „Југо оди во Америка“ на Филип Грујиќ и Алекса Борковиќ, а во музичкиот дел на ноќната програма концерт одржа групата „Алембик“, која го изведе својот нов албум „Без никого да удриш“.

