Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вели дека за време на неговата посета на Израел разговарал за воспоставување на директна авиолинија Тел Авив – Скопје или Тел Авив – Охрид.
Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети, вели Муцунски во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“.
Муцунски нагласува дека стратешката местоположба на државата на пресекот на двата значајни европски транспортни коридори – Коридорите VIII и X – како и инвестициите во енергетската поврзаност, создаваат можности таа да биде влезна точка за израелските компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европските пазари.
Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европски пазар чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен од израелската бизнис-заедница, но и пазар за извоз, вели Муцунски.
Според Муцунски, одличните билатерални односи со Израел треба да се преточат во поконкретна соработка во повеќе области од заемен интерес.

