Вишото јавно обвинителство ја укина наредбата за запирање на истрагата за набавката на мазутот во ТЕЦ Неготино. Со тоа, се задолжува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување.
Констатирајќи, пред се, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице, информира Обвинителството на Република Северна Македонија.
Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност.
ОЈО ГОКК ја сопре истрагата поради немање докази, што предизвика реакции особено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а државната ЕСМ поднесе приговор на ваквата одлука.
Во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино осомничени се вкупно 13 физички и едно правно лице меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој избега од државата, како и бизнисмените Ратко Капушевски и Асмир Јахоски. Осомничените се сомничат за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и перење пари.

