Пет лица се приведени во врска со инцидентот што се случи во скопски Чаир во кој тешко е повредено 13-годишно момче.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека се приведени сите учесници во инцидентот и дека повреденото дете се бори за живот.
Станува збор за малолетник, а согласно првичните информации добиени од службите во Министерството, и оној кој го извршил кривичното дело исто така е малолетник. Детето со тешки телесни повреди и детето кое ги нанесува се иста генерација, родени 2012 година, информира Тошковски.
Тошковски оцени дека станува збор за ужасно насилни кривични дела од страна на малолетници каде што кривично-правниот општествен одговор е многу поинаков отколку кога станува збор за одговор насочен спрема полнолетни лица.
Мораме како општество малку подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор – и од страна на надлежните министерства, и од сите општествени чинители, од родителите, социјалните центри, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените центри и Министерството за здравство. Навистина ова е еден од најужасните предизвици коишто ги имаме пред нас, изјави Тошковски.

За сериозноста на повредите што ги има здобиено повреденото дете информираше утрово и министерот за здравство Сашо Клековски.
Убод во срце, критично е. Лекарите прават се што е во нивна надлежност. Нашите мисли се со него, но веќе медицината нема многу што може да направи, изјави Клековски.

