По 72 часа добиена е битката со пожарот на Пелистер. Во неговото гасење беа вклучени екипи од Националниот парк Пелистер, пожарникари од Битола, Ресен, екипи од Дирекцијата за заштита и спасување, доброволни пожарникарски друштва и механизација од компании.
Стануваше збор за еден од најкомплексните пожари оваа сезона на територија на Македонија, во шума каде доминираат црн и бел бор и соодветно на тоа следуваше една од најкомплексните акции за гаснење на пожар на отворен простор. И покрај неповолните временски услови на терен, акцијата беше успешна благодарение на перфектната и совршена координација на терен помеѓу сите институции кои беа вклучени. Невозможното стана возможно затоа што Единиците на НП Пелистер, ТППЕ Битола, ТППЕ Ресен, маханизација на ЈП од Општина Битола, ЈП Стрежево, Огнените сили на ДЗС, ДПД Архангел, ДПД Кочани, Хеликоптерите на Воздухопловниот ВИНГ на АРМ, ер тракторите на ДЗС и голем број на приватни стопанственици и други доброволци беа непрекинато на терен без ниту една пауза во текот на целото деноноќие, информираа од НП Пелистер.

Од Националниот парк Пелистер упатија благодарност до сите што се вклучија во гаснењето на пожарот.
Целата оваа поддршка беше обезбедена благодарение на Директорот на Дирекција за заштита и спасување – Drejtoria për mbrojtje dhe shpëtim Стојанче Ангелов. Во исто време да се координираат сите овие сили на еден релативно мал простор и непристапен терен каде паралелно дејствуваат единици на линија на огнот заедно со механизација, а паралелно од воздух дејствуваат воздухоплови е еден страшно сериозен предизвик. Добар дел од овие единици во оваа битка за Пелистер останаа будни и повеќе од 48 часа. Поддршка и помош за Пелистер пристигнуваше континуирано од сите страни на Македонија и за тоа ви сме неизмерно благодарни. Уште еднаш упатуваме огромна благодарност до сите кои несебично се вложија и дадоа свој допринос во гаснењето на овој пожар, се вели во објавата од НП Пелистер.

