Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека јавноста ќе биде фрапирана од информациите што ќе бидат споделени во врска со случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино што со одлука на Вишото јавно обвинителство повторно е отворен.
Кажав и претходно дека согласно она што е со мене споделено како информација од страна на оние кои работеле интензивно на тој предмет, истражители кои се дел од Министерството за внатрешни работи, но упатени со работа во рамки на Јавното обвинителство за организиран криминал, а и дел од нив упатени на работа во рамки на Министерството за внатрешни работи во Одделот за организиран криминал, сигурен сум дека ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени. Толку ќе кажам и ќе оставам истрагата да си го каже своето во јавност понатаму, изјави денес Тошковски.
Вишото јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека го прифаќа приговорот од ЕСМ и ја укинува наредбата за запирање на истрагата и го задолжува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја продолжи постапката.
ОЈО ГОКК е задолжено да прибере и анализира дополнителни податоци од повеќе институции, како и да нареди нови вештачења за утврдување на сите околности во предметот и евентуална кривична одговорност.
Во мај годинава ОЈО ГОКК ја запре истрагата за овој случај поради тоа што по едногодишна истрага, не се потврдиле наводите од кривичната пријава.
Во счучајот беа обвинети 13 лица меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, и двајцата бизнисмени Ратко Капушевски и Асмир Јаховски.

