Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата врши анализа на новововедениот режим за користење на зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот Аеродром Скопје, со кој бесплатниот престој до 10 минути е ограничен на еден влез со исто возило во период од 24 часа.
Комисијата ќе ги испита оправданоста и пропорционалноста на воспоставените услови, нивното фактичко влијание врз такси-превозниците и дали постојат еднакви и недискриминаторски услови за пристап за сите учесници на пазарот.
Анализата, велат оттаму, ќе има за цел да утврди дали воспоставениот режим, имајќи ги предвид условите под кои работат различните такси-превозници и постоењето на посебно овластен аеродромски такси-оператор, може да влијае врз условите на конкуренција и пристапот до аеродромската инфраструктура.
Комисијата во оваа фаза, како што појаснуваат, не прејудицира постоење на повреда на правилата на конкуренцијата, туку по прибирањето и анализата на сите релевантни информации, ќе донесе соодветен заклучок за понатамошното постапување.

