СДСМ обвинува дека во Министерството за дигитална трансформација се делат тендери во висина од 1,5 милиони евра на фирми блиски до власта. Од партијата бараат оставка од министерот Стефан Андоновски.
Ова е продолжение на скандалот кој веќе го објавивме – тоа се тендерите на фирмата „Матео Дизајн“, на сопругот на државната секретарка Клинчарова, Мартин Клинчаров вредни 50 илјади евра.
Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за овој случај, и тука застана. ДКСК застана ама АКТ не застанува. Затоа што и тендерите во Министерството за дигитална трансформација не застануваат, изјави Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Како што изјави Фрчкоски, склучени се три нови милионски договори со фирмата „Нома систем солушнс“, подружница во Скопје.
Станува збор за тендери за одржување на Системот за управување со документи вреден, софтвер за регистар на имот и софтвер за испити. Клучното прашање е кој стои зад оваа фирма? Како управител на фирмата се јавува извесен Владимир Симовски. Истиот тој Владимир Симовски е поранешен директен бизнис партнер и косопственик токму со Мартин Клинчаров (сопругот на државната секретарка) во фирмата „СВАГ ФУД ДОО Скопје“. За скандалот да биде уште поочигледен, сопственички удел во оваа компанија има и фирмата „Матео Дизајн“, која е во сопственост токму на сопругот на Клинчарова, посочи Фрчкоски.
СДСМ ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи и бара итно проширување на истрагата.

