Голем пожар се движи кон селото Грачани, а огнената линија е подолга од пет километри. Пожарот во текот на ноќта, од косовска страна преминал кон Македонија. На терен се скопски пожарникари, со поддршка од тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување, кои се обидуваат да воспостават делумна контрола и да спречат загрозување на околните села.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов не очекува директно загрозување на населените места, но мирисот од пожарот може да се почувствува и во делови од Скопје.
Нови жаришта се појавиле повторно и на планината Китка, од скопска страна, но на територија на Општина Студеничани.
Од Центарот за упраување со кризи информираат дека до 13 часот, регистрирани се вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои 6 се активни, а 5 се под контрола.

