Лидерите на ЕУ упатија серија пораки на социјалните медиуми, откако Германија вчера и официјално ја обвини Москва дека стои зад инцидентот со дроновите натоварени со експлозив на аеродромот во Лајпциг на почетокот на минатиот месец.
Но, покрај вербалната поддршката и најавите за нови санкции од Брисел и од европските главни градови, во пракса, според „Еурактив“, засега на повидок нема договор меѓу земјите членки на ЕУ за нови мерки против Русија.
Ваквата состојба можеби најдобро ја отсликува изјавата на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. „Прашањето е што можеме да направиме“, изјави Калас по вчерашниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ во Ирска.
„Веќе имаме 1600 санкции за рускиот воен комплекс и можеби треба да додадеме уште“, рече Калас, најавувајќи нова серија санкции против руски поединци и компании за кои се смета дека ги поддржуваат воените активности на Москва.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека како одговор на „нападите на Путин врз Германија и другите“, ЕУ треба да „им отежне на руските дипломати и шпиони да работат низ Европа“. „Не бараме конфликт со Русија, но се чини дека Русија е во хибридна војна со нас“, рече Сикорски.
Барања за протерување на руски дипломати, затворање на руските конзулати и за поништување на издадените визи побараа повеќе министри од земји од средна и источна Европа.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој исто така присуствуваше на состанокот на ЕУ во Ирска, рече дека ќе предложи „специјален“ пакет санкции што ќе ги погодат руските капацитет за производство на балистички ракети.
Но, и покрај ваквите пораки и предлози, се покажа дека постигнувањето консензус за нов пакет санкции на ЕУ воопшто нема да биде лесна задача, особено поради резервите некои земји членки, кои изразуваат загриженост од економските последици на предлозите.
Во вакви услови, според „Еурактив“, на повидок е преиспитување на стратегијата на ЕУ, при што дебатата сега се фокусира на почесто воведување помал број санции, отколку на големи пакет- мерки.

