Сузбиена е криминална група за проневера на 2,26 милиони евра од надоместоците што граѓаните ги плаќале при регистрација на возила.
Поднесена е кривична пријава против шест физички и три правни лица, а од слобода приведени се три лица за перење пари, проневера во службата и несовесно работење во службата.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, при што лишени од слобода се С.С., Ш.С. и З.Ѓ., а при извршените претреси пронајдени и одземени се околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе телефонски апарати и две патнички моторни возила.
Кривичната пријава е поднесена против С.С. (49), сопственик на правно лице од с.Кучевиште и неизвршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво, Ш.С. (29)- извршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво и З.Ѓ. (58)- извршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво за „проневера во службата” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, против Д.М. (54)- вработен во правно лице од с. Кучевиште како раководител на станица за технички преглед за „проневера во службата”.
Кривичната пријава ја опфаќа и Т.М. (64)- вработена во Јавното претпријатие за државни патишта како помошник директор за „несовесно работење во службата”, М.Д. (40)- вработен во друштво за книговодствени услуги за „проневера во службата”, „перење пари и други приноси од казниво дело”.
– С.С. во својство на управител на фирмата од Кучевиште, кое од 2011 година имало овластувања за вршење на технички преглед на возила, во периодот од 01.01.2021 – 20.01.2026 со намера за себе да прибави противправна имотна корист во износ од 138.877.419 денари изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвен Крст, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Mинистерство за животна средина и општините. При изготвување на извештаите и лажирање на податоците, С.С. дејствувал заедно со Д.М., кој бил овластен за изготвување и потпишување на фактури и доставување на извештаи до надлежните институции. Прикривањето на паричните средства на наплатените парични средства било преку осигурително брокерско друштво, на чии сметки биле наплаќани предвидените надоместоци, иако согласно закон на сметка на брокерското друштво требало да се наплаќа само полисата за осигурување. Како извршни членови на Одборот на директори и овластени лица во критичниот период биле Ш.С. и З.Ѓ., кои знаеле дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување и заедно со С.С. како неизвршен член на Одборот на директори понатаму го прикриле потеклото на парични средства со префрлање од една на друга сметка на правните лица и мешање на истите со приходите од редовното работење по различни основи (во најголем дел позајмици), а со цел со дел од криминално стекнатите паричните средства да се купуваат недвижности во корист на правното лице.
Т.М. во својство на помошник директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта иако имала обврска да го следи уплатениот надоместок и да врши проверка на доставуваните извештаи и да бара навремено наплаќање на пријавениот надоместок од утврдените разлики, пропуштила должен надзор и го известувала Д.М. за наплатениот износ на сметката на ЈПДП наместо правното лице од с.Кучевиште да доставува месечни извештаи до нив, на кој начин на С.С. му овозможиле да се стекне со противправна корист во износ 48.434.406 денари по однос на надоместок за патна такса.
М.Д. како овластен сметководител во правно лице од Скопје во сметководствената документација евидентирал невистинити податоци кои се разликувале од реалната документација од работењето и воедно поднесувал даночни пријави и во Годишните сметки кои што не ја прикажувале реалната финансиска состојба на правното лице од с. Кучевиште. На овој начин на С.С. му овозможиле да се стекне со противправна корист во износ 138.877.419 денари по однос на надоместоци кои се наплаќале при регистрација на возила.
Со наведените дејствија лицата се стекнале со парични средства во износ од 138.877.419 денари (2.258.169 евра), на штета на Буџетот на Р.С.Македонија, односно на штета на Јавното претпријатие за државни патишта во износ од 48.434.406 денари, Црвен Крст износ од 1.485.926 денари, Министерство за животна средина 5.585.098 денари, Буџет и Комунална такса за Општините износ од 83.371.988 денари.

