Вкупно 49 возила и специјализирана опрема за комунална хигиена се набавени за потребите на Град Скопје и останатите општини. Скопје доби 27 возила, а останатите се за другите општини.
Возилата се набавени со поддршка на Светска банка, а според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, набавката е реализирана преку транспарентен процес, при што од проценетата вредност од 5,5 милиони евра, опремата е набавена за 4,2 милиони евра, со што е остварена заштеда од околу 1,3 милиони евра.
Имајќи предвид дека последните два повици беа исклучително добро направени, дојдовме до една заштеда на средства во тој момент од околу 5,5 милиони евра, и тогаш се сретнавме со директорката на Светска банка и нејзиниот тим. Се сеќавате минатата година што се случуваше со претходниот градоначалник во Скопје, и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да се помогне и на Градот Скопје и на останатите општини. И идејата дојде, овие возила кои што денес се реалност, се најдобриот начин да се помогне на Град Скопје и на останатите општини. Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда, проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа вредност е 4,2 милиони евра. Што значи дека низ еден транспарентен процес успеавме да ја завршиме набавката и тука да заштедиме средства, изјави Николоски на промоцијата.

Вкупно се набавени 19 мултифункционални камиони од различен тип, 9 специјализирани камиони цистерни и 21 мултифункционално возило.
Возилата сега се наменети за Град Скопје, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес, а Николоски најавува дека со останатите проекти ќе бидат опфатени и другите општини.

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ од Скопје доби специјални камиони со зафатнина од 3, 8, 17 и 20 кубни метри, автоцистерни наменети за машинско миење на улиците и специјализирани метларки наменети за машинско метење.
Преку ставањето во употреба на новите специјални комунални возила се очекува значително да се зголеми ефективноста и ефикасноста на извршувањето на оперативните активности на Претпријатието на терен, велат од Комунална хигиена.

