Западнонилската треска која во земјава одзема седум животи, а поголем е и бројот на заболени за разлика од претходните години, според премиерот Христијан Мицкоски, е здравствен предизвик со кој не се соочуваме само нив, туку и државите на европско ниво.
Мицкоски кој денеска е во посета на Гевгелија во изјава за медиумите рече дека бројките се натпросечни насекаде низ Европа.
Факт е дека оваа година е натпросечна кога станува збор за ваков тип предизвик со кој се соочуваме и ние, но и условно кажано, сите медитерански земји. Тука се и Италија и Шпанија, каде, за жал, починатите од западнонилска треска се бројат со стотици, рече Мицкоски.
Мицкоски е задоволен и од ангажманот на општините во однос на мерките што треба да се преземат.
Ги проверивме информациите и врз основа на она со што располагам, сите општини во рамки на редовниот протокол ги имаат завршено своите активности. Не би можел да кажам дека некој не го направил тоа или дека ја занемарил обврската, рече Мицкоски.
Утрово, реагираа од опозициската СДСМ од каде обвинија дека не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливи болести.
Македонија е на првото место во Европа по бројот на заболени во однос на бројот на жители, пред земји како Италија, Грција, Романија. Повторно, исто како и здравствената криза со труењето во Гостивар, здравствените институции на Мицкоски закаснија со реакцијата. Владата на Мицкоски нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира. Дури ниту против комарци не прскаат навреме, и со тоа задоцни Орце Ѓорѓиевски, велат од СДСМ.

