Македонија има официјално седум починати од западнонилска треска и 56 заболени. Најголем број од починатите се мажи на возраст над 60 години. Она што е факт е дека бројките се големи ако се споредат со изминатите 15-тина години кога имало десетина смртни случаи. Од власта велат дека со вирусот се борат и медитеранските држави, а од опозицијата обвинуваат дека не се преземени соодветни мерки за превенција и ширење на болеста.
Според премиерот Христијан Мицкоски, општините ги презеле сите потребни мерки за заштита, а со негативен тренд на починати и заразени се соочува речиси цела Европа.
– Факт е дека оваа година е натпросечна кога станува збор за ваков тип предизвик со кој се соочуваме и ние, но и, условно кажано, сите медитерански земји. Тука се и Италија и Шпанија, каде што, за жал, починатите од Западнонилска треска се бројат со стотици, вели Мицкоски.
Опозициската СДСМ тврди дека Македонија е на првото место во Европа по бројот на заболени во однос на бројот на жители, пред земји како Италија, Грција, Романија.
Повторно, исто како и здравствената криза со труењето во Гостивар, здравствените институции на Мицкоски закаснија со реакцијата. Владата на Мицкоски нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира. Дури ниту против комарци не прскаат навреме, и со тоа задоцни Орце Ѓорѓиевски. Не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливи болести, посочуваат од СДСМ.
Здравствените власти на последната прес-конференција оценија дека ситуацијата со западнонилската треска е добра и дека опаѓа бројот на заболени.
Дел од општините веќе спроведоа вонредни прскања против комарци, а во дел е прогласена и епидемија.
Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство досега утврди западнонилска треска кај три угинати гаврани.

