Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ кој почна да се реконструира кон средината на јули денес официјално ќе биде пуштен во употреба. ТАВ Македонија која стопанисува во двата аеродрома во земјава инвестираше 2,7 милиони евра за реконструкција на овој аеродром.
Модернизацијата на Охридскиот аеродром се прави за прв пат од неговата изградба и очекувањата се таа да придонесе за зголемување на бројот на патници и авиолинии.
Првата фаза опфати реконструкција на патничкиот терминал и зголемување на оперативните капацитети, проширување на чек-ин просторот од 6 на 8 шалтери и дополнителни 100 квадратни метри, потоа проширување на областа за безбедносна контрола и рачен багаж, зголемување на просторот кај гејтовите и просторот за подигање багаж.
Според најавите, треба да има и нова duty-free продавница, нови ескалатори за патници, како и нова опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
Се проширува и пасошката контрола, канцелариите за оперативниот персонал во безбедносно – контролираната зона, а реорганизиран е и паркингот пред терминалот.
Вториот сегмент се однесува на доградбата и надградбата на административната зграда, која од 290 квадратни метри ќе достигне 746 квадратни метри. Во административната зграда, покрај канцелариите на ТАВ Македонија и нов ресторан за вработените, нови канцеларии за Граничната полиција и Царината, како и нов паркинг за вработените покрај зградата.

