Основниот кривичен суд во Скопје денеска потврди дека притворот на Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката Пулс од Кочани, во која загинаа 63 луѓе во катастрофалниот пожар минатата година, излегува од притвор на 3 октоври.
„Ве известуваме дека мерката притвор, определена против првообвинетиот Дејан Јованов, од страна на Кривичниот совет е продолжена до 03.10.2026 година, имајќи предвид дека Обвинителниот акт е оценет на 03.10.2025 година и согласно Законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот. Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на Законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот“, се наведува во соопштението на Судот.
Што се однесува до останатите обвинети за овој случај, во моментов активна мерка куќен притвор имаат обвинетите Јане Јанчевски и Ивица Гроздановски. За Јанчевски минатиот месец е прифатен предлогот за укинување на мерката куќен притвор со определување гаранција од над 33.000 евра во недвижен имот, кој е во фаза на впишување под хипотека, по што тој ќе биде пуштен од куќен притвор, но со определени дополнителни мерки за претпазливост.
„Во однос на другите обвинети за кои претходно беше определена мерка куќен притвор, за обвинетите Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев и Стојанчо Димитриев, мерките куќен притворот им се заменети со мерки за претпазливост и тоа на 12.06.2026 година за Стојанов, 17.07.2026 за Ѓорѓиев и 12.06.2026 година за Димитриев, но по вложена жалба решенијата се доставени на надлежно постапување во Апелациониот суд. Потребно е да се напомене дека жалбата не го спречува извршувањето“, се додава во соопштението.
Судот посочува и дека мерките куќен притвор се укинати за Тодор Јованов со определена гаранција од 319.154 евра во недвижен имот и за Беким Хаџиу со гаранција од 849.602 евра, исто така, во недвижен имот.
„За сите обвинети на кои им е укината мерката куќен притвор, судот им определи мерки на претпазливост кои истите, ги почитуваат и редовно се јавуваат на насрочените судски рочишта за што сте и самите сведоци како медиуми кои го следат судскиот процес“, додава Основниот кривичен суд.

